Ова е многу долга тема и во овој текст ќе пишувам од свое лично искуство, искуство со мои клиенти кои вежбале за време на бременоста и како тренер, но не и и како доктор, затоа пред било што да почнете да вежбате мора да побарате дозвола од вашиот матичен гинеколог.
Зошто вежбање за време на бременоста?
Ако практикувате редовно вежбање за време на целата бременост може многу да помогне да се чувствувате добро и да бидете здрави. Исто така редовното вежбање за време на бременоста го подобрува држењето на телото што според мене е многу важно да лесно се помине целиот тој процес а исто времено може да намали некои непријатности како што се болки во грбот и замор. Со многу доктори се имам консултирано бидејќи има многи истражувања дека физичката активност може да спречи гестациски дијабетес (познат е, го знаат сите бремени жени, се прават испитувања бидејќи истиот знае да се развие за време на бременост).
Од друга страна помага да се ослободи телото и умот од стрес што за време на бременоста е навистина потребно а физичката активност за време на вежбањето знае и да ја зголеми издржливоста потребна за породување. Како и пред бременоста, така и сега тренингот односно физичката активнсот ќе даде поголема енергија и полесно да се справи трудницата со дневните предизвици и обврски. Имајте на ум исто така дека и ќе спречите прекумерна тежина, самото тоа што вежбате во текот на денот не толку од трошењето калории, но од самото време поминато пред, за време на тренинг и после него поминувате неколку саати без храна (а ако седиме само нормално не тера да грицкаме и јадеме) што помага во регулирање на оброците во текот на денот.
Познато е исто дека има месеци особено трето тромесечие кога бебето е активно во ноќните часови па и сонот на трудницата е нарушен, тука физичката активност исто така помага за подобар сон и одмор. Физичката активност особено во група не држи мотивирани, насмеани со позитивни луѓе, па и самото тоа ни ја олеснува бременоста бидејќи знаеме дека некогаш колку и да сакаме таа состојба ни влева и одредена доза на страв. Мислам дека набројав многу придобивки со кои ќе ве натерам или мотивирам да бидете активни трудници и да уживате на тој начин во вашата бременост.
Следно е нешто што често ми се јавуваат да ме прашуваат а тоа е дали јас смеам да вежбам? Ако трудницата била физички активна пред бремноста и доколку е нормална бременоста, може да си продолжи со физичка активност но секако тоа треба да е модифицирано. Поточно одредени вежби не смеат да се прават, треба да се намали интензитетот на тренингот, повторувњата, да не се оди до максимум како претходно и да се пази на ритамот на срцето. Треба да се слуша телото и да му е комотно да вежба.
Е сега доколку трудницата не вежбала пред бременоста, може да се започне со вежбање ама задолжително да се консултира со својот доктор. Никако да не почнува со комлетно нова активност, мој совет е тоа да биде пешачење, да се посетуваат групни тренинзи за трудници, јога, или пилатес со добро проверени тренери. Тука мора да сме многу внимателни, но сепак позитивно да се гледа на желбата да трудницата почне да вежба за време на бременоста се со цел да си ја олесни истата.
Има различни испитувања и докази колку треба да се вежба во текот на денот, но според мене сепак е тоа индивидуално. Како се чувствува трудницата тој ден, енергијата и силата. Но некој оптимум од 30 минути е супер ако се направи рутина во тие месеци и придобивките ќе се чувствуваат секој ден.
Има конкретни ситуации кога не смее да вежба една трудница за кои состојби сме учеле на пример: При крварење, ниско носење на бебето, ризик заради претходен спонтан абортус или па заради претхондно порано родено бебе. За ова повеќе со специјалист доктор.
Видови на вежби за време на бременоста
Исто секогаш нешто што ги интересира трудниците е што е најбезбедно да вежбаат за време на бременост. Сигурно сите слушнале за пливање и тоа е точно се смета за една од најбезбедните активности, но според мене и за жал ние во Македонија не може да се пофалиме со тоа, од причина што немаме многу базени, тие се преполни и не се безбедни заради хигиенски причини. Следно е брзо пешачење, секогаш одлична идеја за да се држите активни и најлесна, потоа цилични статични вежби по фитнес центри пожелно со тренер но пак се враќаме на тоа доколку трудницата вежбала и знае што треба да прави тогаш со внимавање да вежба и сама, аеробик е исто супер активност и безбедна но нормално со помал интензитет. И ова се физички активности кои имаат мал ризик за повреда а од друга страна може да се прават се до пораѓањето.
Може и да се трча умерено особено ако трудницата трчала до бременоста и тоа бил секојдневен спорт. Потоа и вежби во теретана, акуелниот кросфит и слични групни активности смеат да се прават ама само доколку трудницата ги правела до тогаш и продолжува само со помали килажи, помал интензитет и дел модофицирани вежби.
Морам да напоменам дека не е само вежбањето важно туку и исхраната. Да се разбијат сите теми дека треба дупло да се јаде. Се јаде исто, па дури ако помалку се движи телото се јаде и помалку. Се внимава да се внесуваат балансирани оброци и тоа треба на трудницата да и е многу важно бидејќи преку нејзе се храни бебето.
На крај останува и прашањето кога смеам да вежбам после породувањето. Е тука е исто така различно, секако првите 8 недели телото мора да одмори, да дојде мајката при себе да се навикне на новата ситуација. После тоа се зависи дали тоа било природно или породување со царски па затоа се оди задолжително на контрола да провери специјалистот и да даде зелено свтело дека мајката може да си продолжи со вежбање. Секако не се почнува со голем интензитет дури и помал колку полека да се враќа телото во функција.
Мојата приказна за време на бременоста
Би сакала да ја споделам и својата приказна. Јас сум мајка на две деца Андреј 3,5 години и Зои 7 месеци. Активно вежбав во двете бремености и тоа со Андреј до крај скоро до последен ден, а со Зои ме фати карантинот и новата ситуација па малку успорив последните два месеци, имав некој страв немаше каде ни на преглед да се оди па бев малку помирна.
Вежбав своја програма што ја држам повеќе од 10 години total body workout by Bubalo и Кросфит каде тренер ми беше сопругот Атанас. Се чувствував преубаво во двете бремености, функционирав во денот исто како и пред да останам бремена, внимавам на исхраната цело време, тоа ми е навика и не ми беше воопшто тешко, а нормално сега ако нешто ми се пријаде си јадам ама тоа нема врска со стрв или бременост туку едноставно ми се јаде парче пица и ја јадам, бидејќи не сме роботи и уживаме но исто време и сме свесни колку е исхраната важна за нашето здравје.
Имав лесни без трауми природни породувања, за кои сметам дека начинот на живот придонесе многу за тоа. После 8 недели и првиот преглед со дозвола од доктор почнав да вежбам полека. Сега држам онлајн тренинзи од дома, во сала оди сопругот, вежбам од одма со децата покрај мене бидејќи тие не ми се изговор туку причина да извежбам. Среќна мајка, среќни деца ☺.
Не ми е секогаш едноставно и лесно, но не се откажувам бидејќи знам колку за мене е важно да вежбам да имам енергија цел ден, истата многу ми е потребна бидејќи јас и покрај породилното решив да се вратам со работа одма, ме чекаше една армија од жени да им разубавувам ден.
За ова можам да пишувам и раскажувам многу но тука би застанала. Сакајте се и уживајте сите идни мајки, ако е возмжно бидете активни во текот на бременоста не сте ни свесни колку се тоа ќе ви ја олесни истата. Грижете се свесно и внимавајте со исхраната. Направете го ова заради вашето здравје и здравјето на вашето бебе а после и за поубав изглед и побрзо враќање назад на телото, за кое ако сме реални сите посакуваме.
Елена Бубало Михајловска
Групен и пероснален тренер на програмата Total Body Workout by Bubalo
Дипломиран биохемиски инжинер и специјализирано ДИФ при факултетот во Белград.